Languages:

THRIVITY кариерен центар и соработка со УКИМ центар за кариера

Примарната функција на високото образование е пренос на академски знаења и истражувачка дејност.
Болоњскиот процес поимот „вработливост“ го третира како клучен елемент во дефиницијата за „квалитет“ на високото образование.

Главна цел на европскиот простор за високо образование е да ја унапредува вработливоста на високообразованиот кадар низ целиот работен век на пазари на труд што брзо се менуваат и се одликуваат со технолошки развој, појава на нови работни профили и зголемени можности за вработување.

Зашто го формиравме Центарот за кариера на УКИМ?
За да овозможиме студентите да се стекнат со компетенции соодветни за вработување што ќе им овозможат развој и на нови вештини коишто ќе им бидат потребни и подоцна во текот на работниот век.

Центарот за кариера на УКИМ има за цел да воспостави постојани врски меѓу студентите и деловната заедница; да им помогне и да го поттикне интересот на студентите при планирање и насочување на нивната кариера; да организира практиканство во реалниот сектор во функција на практично усовршување на студентите; да ги поддржи студентите во процесот на подготовка за пронаоѓање работа преку организирање работилници и семинари за подготовка на CV, мотивациско писмо, прво интервју за работа, презентација на нивните квалификации, вештини, лични карактеристики, подобрување на нивните компетенции, вештини за вмрежување; да направи линк помеѓу Универзитетот и компаниите што имаат потреба од вработување соодветно образовниот процес на факултетот; да го промовира Универзитетот пред пазарот на трудот и да им пружи помош на студентите при премин од академската средина во професионалното работење.

Истовремено, Центарот за кариера им помага на идните наши студенти да се запознаат со можностите за студирање на УКИМ и да ги насочи при изборот на соодветна студиска програма.

,,Центарот за кариера на УКИМ треба да го сфатиме како инструмент за остварување на основната мисија на Универзитетот, а тоа е да им обезбедиме на нашите студенти кариерен развој адекватен на нивното образование, знаења и вештини со кои се стекнуваат низ образованиот процес на нашиот Универзитет” – вели Ректорот на УКИМ, проф.д-р Никола Јанкуловски.

,,Ставање фокус на практиканството, поголем акцент на ,,активно” учење и поставување на студентот во центарот на наставата и учењето, се клучни елементи што ги поттикнуваат мотивацијата, креативноста, самоанализата и ангажирањето на студентите во процесот на учење, што се пак клучни за нивната понатамошна вработливост” – вели проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска, раководител на Центарот за кариера на УКИМ.

Водени од заедничката заложба за остварување и јакнење на нераскинливата врска помеѓу стопанството и достигнувањата во високото образование и науката, во насока на општествениот развој и подигнување на степенот на соработка во иднина, Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиj“ во Скопје и Кариерниот центар THRIVITY, на 02.02. 2021 година потпишаа МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА.

,,Една од основните цели на Центарот за кариера на УКИМ е да му овозможиме на дипломецот да се стекне со компетенции соодветни за вработување што ќе му овозможат развој и на нови вештини коишто ќе му бидат потребни и подоцна во текот на работниот век” – вели Ректорот на УКИМ, проф.д-р Никола Јанкуловски.

„Нашето локално и меѓународно професионално искуство и знаење бесплатно го споделуваме со студентите за да изградат соодветни вештини со кои поедноставно и поуспешно ќе се претстават себе си на пазарот на труд, а со тоа и побрзо ќе дојдат до првото вработување“  –  вели Поликарп Арсеновски, основач на THRIVITY.

„Поттикнувањето на интересот на студентите при планирање и насочување на нивната кариера и пружање помош при премин од академската средина во професионалното работење е водилка во работењето на Центрите за кариера при сите единици на нашиот Универзитет. Со обуките што ги спроведуваме со Кариерниот центар THRIVITY, на студентите им ја зголемуваме шансата да дојдат до посакуваната работа и ги унапредуваме нивните компетенции во сегменти кои не ги покрива формалното образование“ – вели проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска, раководител на Центарот за кариера на УКИМ. Соработката на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиj“ во Скопје и Кариерниот центар THRIVITY е структурирана преку постојана размена на искуства, знаења и информации во насока на приближување на студентите до пазарот на трудот и приватниот сектор, train the trainer – програма со која се оспособуваат студентите за пренесување на стекнато знаење во областа кариерно советување и практиканство, стипендирање на постдипломци на Универзитетот и создавање на дигитална база на професионални биографии на студентите (CV-a), и на тој начин тие ќе бидат видливи на пазарот на труд.


Сподели:
Прочитај повеќе во: HUMAN CAPITAL MANAGEMENT